Врати се на Интевјуа

Дата: 07.12.2018 - Интервју со Олга Костовска, Претседател на Надзорниот одбор на Еуролинк осигурување за магазинот Капитал

Author

Силата и големината на успешните компании е работење за доброто на заедницата во секоја смисла 

Деновиве Еуролинк осигурување по петти пат додели стипендии на студенти од Правниот факултет "Јустинијан Први" при УКИМ - Скопје, што е само дел од општествено-одговорните политики на компанијата. Повод да разговараме со Олга Костовска, Претседател на Надзорниот одбор на осигурителното друштво околу нивната платформа "Еуролинк - вашата врска со вистинските вредности" и што таа значи за општествената заедница.

Објаснете ни малку повеќе за доделувањето стипендии на студенти од Правниот факултет – Скопје, што деновиве се случи по петти пат. Каква е конекцијата на Еуролинк со овие млади луѓе, имате ли увид во понатамошниот нивни развој и кариера, дали на најдобрите од нив им нудите шанса за вработување и сл.?

Вербата во потенцијалите на младите, способни и најдобри луѓе и во нивната неисцрпна енергија да градат подобар свет е главната причината зошто Еуролинк ја доделува Еуролинк стипендијата. За овие 5 години поддршка дадовме на 130 студенти на додипломски и постдипломски студии на Правниот факулет “Јустинијан Први” при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и вложивме 5.720.000  денари во поддршка на едукацијата на овие млади луѓе. Зборуваме за одлични студенти на кои, искрено веруваме, им престои одлична иднина. Неколкумина од нив своите професионални почетоци ги започнаа токму во Еуролинк осигурување и горди сме на сите кои постигнаа повеќе, кога слушаме за нивните успеси.  Оваа година на доделувањето на стипендиите за 2018/2019, имавме и обраќање на стипендистите од минатите години чии успешни приказни заедно со поддршката на Еуролинк, веруваме дека ќе им дадат вистински “ветер во грб” на стипендистите од оваа година. И нашата приказна за стипендистите не завршува тука, веруваме дека најнапредните и најамбициозните ги носат и градат вредностите во општеството, па затоа решивме да ја прошириме Еуролинк стипендија и веќе ја доделивме првата стипендија за докторски студии.

Кои се останатите општествено-одговорни проекти што ги имате спроведено изминатиов период и кои се клучните придобивки за заедницата?

Еуролинк стипендија е само дел од активностите кои ги презема Еуролинк осигурување за поддршка на заедницата во рамки на својата платформа “Еуролинк вашата врска со вистинските вредности” преку која ги подржуваме образованието, културата и уметноста . Веќе пет години ги организираме школите за пливање, лизгање, тениска и балетска школа за најмладите, преку кои над 600 деца научија да пливаат, лизгаат, да играат тенис, да ги совладаат основините техники на балетот. Веруваме дека со овие активности придонесуваме да се развиваат здрави навики кај најмладите. Школите се веќе добро препознаени и особено ни е драго што веќе во првите денови на објавувањето на повикот за пријавување ги пополнуваме. Со популарната туристичка прошетка “Мапа на култура”повеќе од 1000 граѓани  ги посетија и одблиску се запознаа со  убавините на старото јадро на Скопје, археолошкиот локалитет Стоби, Хераклеја и Битола, Св. Јован Бигорски, Галичник, Лесновскиот манастир. Овие активности – школите и мапа на културата ги организираме сами како компанија, но нашата поддршка несебично ја даваме и на бројни национални институции како Музејот на современата уметност, Македонскиот народен театар, а низ годините и на бројни други организации и институции, на Правниот факултет “Јустинијан Први”со Еуролинк стипендија, но и со поддршка на Ораторските вечери “Иво Пухан”,  а вложуваме и во унапредување на условите во здравството – последен пример за тоа е целосната поддршка за доопремување на интензивната нега во Институтот за белодробни заболувања Козле во Скопје и бројни други активности.

Како Еуролинк ја има всадено општествената одговорност како ДНК во своето работење и култура – во делот на однос кон вработените, клиентите, општествената заедница?
Општествената одговорност е темел на нашето севкупно работење. Мисијата на Еуролинк нn4; дефинира нас како компанија и како тим, со којшто се стремиме кон истите вредности во рамките на заедницата, делуваме, размислуваме, живееме во истиот ритам за истата цел– да го подобриме квалитетот на животот на сите коишто ги допираме, нашите клиенти, партнери, нашите вработени и нашата заедница во целост. Имаме посебни програми за мотивација, наградување и унапредување на нашите вработени, вложуваме во воведување на системи кои ќе им го олеснат работењето на вработените, вложуваме во креирање на компактен тим и нудиме бројни бенефиции за нив, бидејќи грижата за нив и нивните семејства е наша најголема одговорност. Еуролинк осигурување е една од ретките компании во Македонија која го има согледано значењето за развивање на еднаков пристап на мажите и жените, и на управувачките позиции, но и меѓу вработените.
Преку нашите продукти, пак, сакаме да им го подобриме квалитетот на животот на клиентите, нудејќи им сигурност и транспарентност, доверба, лојалност, почитување, и вложуваме во нови иновативни продукти, им го олеснуваме пристапот до нашите продукти онлајн, достапни сме за нашите клиенти 24 часа во денот.
Традицијата, силата и големината на успешните компании, носат со себе одговорност за поддржување, и потикнување на различни иницијативи насочени кон доброто на заедницата во секоја смисла. Нашата платформа за општествена корпоративна одговорност е токму во таа насока – да ги развие и негува вистинските вредности, и тука за мене лично, но и за компанијата нема алтернатива. И тоа не го правиме за да се натпреваруваме за награда или за сопствен бенефит, впрочем пред неколку години донесовме и одлука да не учествуваме во избори и натпревари за општествена одговорност, иако сумата која ја вложуваме во општествената одговорност не е за занемарување.

Кои се според вас лично клучните принципи на одговорно менаџирање и раководење осигурителна компанија што вие ги наметнувате како корпоративна култура во Еуролинк?
Бизнис одлуките кои се темелат на взаемното почитување се предуслов во нашето заедничко работење. Тоа обезбедува долгорочен и стабилен раст и на компанијата. Самите резултати на Еуролинк неминовно покажуваат дека одиме во вистинската насока. Тоа е резултат на повеќе фактори – од професионалноста, одличните услуги, иновативноста, нашиот одличен тим, вредностите кои ги негуваме ние како тим, вредностите кои сакаме да ги споделиме со заедницата, нашите вложувања во заедницата, верувам дека дел од успехот се должи и на рамноправноста и правичноста што се трудиме да ги вкорениме во секој сегмент од нашето работење. Тоа е наш придонес кон зачувување на вистинските човечки вредности во секоја смисла, но и наш влог кон креирање на подобра и поквалитетна иднина за сите нас и за идните генерации.
 
Какви општествено одговорни проекти планирате за 2019  година?
Еуролинк осигурување ќе продолжи и во иднина да вложува во заедницата. Дел од проектите од оваа година за кои традиционално има голем интерес во јавноста  секако ќе ги повториме и следната година. Продолжуваме и понатаму со вложувања во школите за најмладите, во студентите, сега и во докторантите, во откривање на убавините и афирмирање на културното наследство на нашата земја. Наредната година планираме да ја издигнеме платформата за корпоративна општествена одговорност на едно ново ниво – да ја унапредиме уште повеќе. Подготвуваме и специјален проект кој ќе има за цел да ги афирмира и медиумите односно новинарите кои се занимаваат со теми кои носат бенефит за пошироката заедница и општеството, надвор од политичките рамки и стереотипи, проект кој е во самиот зачеток и наскоро ќе биде објавен за јавноста.  Секако фундаментите на нашата платформа за општествена одговорност “Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности” остануваат образованието, културата и уметноста, а ние како дел од бизнис секторот и понатаму несебично и активно ќе придонесуваме и со сопствени средства ќе помагаме во долгорочниот развој на нашето општество, за доброто на сите.

Купите осигурување онлајн - Најбрзо и најсигурно до вашето осигурување