Врати се на Интевјуа

Дата: 21.04.2017 - Интервју со М-р Марија Томеска, Претседател на Управен одбор на Еуролинк Осигурување за неделникот Капитал

Author

Капитал: Г-ѓо Томеска, после деценија и пол работа, како е позиционирана компанијата на домашниот осигурителен пазар? Остварени ли се целите и визијата?
М.Томеска: Изминативе 15 години, работевме на надминување на предизвиците од  неразвиениот осигурителен пазар преку едукација на јавноста и развивање на свеста за важноста на осигурителната заштита. Во овој период и покрај сите предизвици, Еуролинк успеа да создаде солидна база на задоволни клиенти, да изгради стабилни партнерски односи со бизнисите, да креира квалитетен стручен тим од над 240 професионалци и да се позиционира меѓу топ три компании за неживотното осигурување во земјата. И од аспект на раст и развој, како и од аспект на услуга и квалитет на осигурителните производи, целосно ги исполнуваме целите на компанијата.Нашата визија се базира на обезбедување подобар стандард во услугата, поголема вредност на продуктите, поголемо задоволство на нашите клиенти и вработени. Затоа над 450.000 клиенти го одбираат Еуролинк за свој осигурителен партнер. Дополнително, секоја година го збогатуваме тимот со триесетина млади луѓе во кои инвестираме, во обуки и едукација. Имаме 30 филијали низ земјата, обезбедуваме 24-часовна линија за поддршка, купувањето на полисите и пријавувањето на штети веќе се достапни преку интернет, а наскоро за сите клиенти станува достапна и мобилна апликација за да ги опслужи клиентите и во движење. Како резултат на се поголемата препознатливост на компанијата, Еуролинк Осигурување е избран за бренд на 2013/2014 и за 2015/2016 година. Постигнатото говори многу, но се разбира задоволството на клентите бара континуирани залагања. Продолжуваме да ги носиме светските трендови во осигурувањето во Македонија, да обезбедиме најквалитетни услуги, да им помогнеме и на граѓаните и на компаниите да ја зголемат својата сигурност. Секако успехот не е случаен - резултат е на напорна работа на сите вработени во Еуролинк, на слободата на изразување на нови идеи и концепти и секако успешна имплементација на оние кои се од корист за нашите клиенти. Неминовно е да се спомене и вербата и довербата на сите клиенти во нашите производи и услуги. Целта е комплетна достапност, едноставност во интеракциите со нас, брзина во исполнување на очекувањата на нашите клиенти заштедувајќи го нивното време, пари и енергија. Срцето на компанијата се иновациите, тие го дефинираат нашиот пулс –брз и динамичен.

Капитал: Минатата година забележавте раст од 11% на продажбата, како помина првиот квартал од 2017г.? Какви се проекциите за до крајот на годинава?
М.Томеска: Резултатите за првиот квартал од 2017г. покажуваат тренд на раст во продажбата од 7%, што е над пазарниот просек. Минатата година постигнавме 11% раст во продажбата. Во 2016 г., согласно првично консолидираните податоци од НБО, Еуролинк, петта година по ред го задржува приматот на лидер  во класата општо осигурување од професионална одговорност со највисоко пазарно учество од 26%, а оваа година стана и лидер во продажбата на осигурување од незгода со 18% учество на пазарот. Дополнително, Друштвото ја има и втората пазарна позиција во продажба на осигурување од пожар и здравствено осигурување, и задржува третото место на пазарот на неживотно осигурување со учество од над 11%. Овие резултати не се случија “преку ноќ”, тие се темелат на долгогодишната напорна работа на нашиот тим и исполнување на нашата стратегија, која  е уникатна и се базира на креирање на долгорочен и здрав раст преку внимателно селектирање ризици и експлоатација на нови или малку застапени сегменти од пазарот. Нашата цел е да ги заштитиме граѓаните и имотите, да ги поттикнеме да ги разберат придобивките од посигурен живот, а со тоа да влијаеме врз подобрување на квалитетот на нивниот живот. Тука пред се мислам на индивидуалните имотни осигурувања, осигурувањето на одговорност и здравственото осигурување. Оваа бизнис стратегија подразбира побавен, но долгорочно профитабилен раст.

Капитал: Во колкава мера успеавте да ги доближите незадолжителните типови осигурување до населението и компаниите? Каде има простор за најголем пораст?
М.Томеска: Силно сме посветени на иновативноста, креативноста и создавање на подобри услови за живеење на сите граѓани и веруваме дека преку промовирањето на незадолжителните осигурувања и нивно доближување до пошироката заедница, сме на добар пат да им помогнеме на граѓаните и на бизнисите да ги прифатат придобивките од истото. Нашите пакети за стамбено осигурување - Доми Комплет, пакетите за бизнисите - Бизнис Комплет и за осигурување од професионална одговорност - Смарт Чојс, се креирани токму според потребите на граѓаните и бизнисите. За секое осигурување нудиме повеќе опции по оптимални цени, дизајнирани како избор на пакети достапни за сечија потреба. Во насока на незадолжителното осигурување, првпат во Македонија Еуролинк го воведува доброволното семејно приватно здравствено осигурување, кое претставува тренд и бележи рапиден раст во светски рамки. Среќни сме што токму Еуролинк го предводи овој тренд во Македонија. Факт е дека нашиот раст се должи токму на незадолжителните осигурувања кои секоја година се повеќе ги прифаќаат нашите клиенти.

Капитал: Како е прифатено доброволното здравствено осигурување кај јавноста? Во колкава мера компании се јавуваат како купувачи на овие полиси?
М.Томеска: Ова е сегмент во осигурувањето што е во зародиш во Македонија, има голем потенцијал. Оваа година се насочивме кон семејствата, со нашите пакети за Семејно приватно здравствено осигурување, што всушност претставува осигурување за целото семејство, со една заедничка полиса и широк опсег на осигурени ризици. Семејното приватно здравствено осигурување е наменето за сите кои сакаат да обезбедат квалитетна здравствена заштита за себе и членовите на своите семејства. Голем број граѓани на Македонија веќе редовно користат приватни здравствени услуги, а до скоро време немаа можност да купат приватно здравствено осигурување и да ја намалат изложеноста на потенцијално високите трошоци за приватно здравство, затоа нашиот продукт е одлично прифатен. Пакетите и цените се прилагодени целосно кон потребите на семејствата во Македонија. Засега интересот е подеднаков и од страна на компаниите и од страна на семејствата.

Капитал: Што подразбра пакетот за сеопфатно осигурување на семејството, објаснете малку подетално за нашите читатели?
М.Томеска: Семејното приватно здравствено осигурување овозможува покривање на трошоците за лечење во приватниот здравствен систем, во сите приватни здравствени установи во цела Македонија (како Систина, Ремедика, Филип Втори  и слични) и во странство на целото семејство, без ограничување. Ова осигурување ги покрива речиси сите приватни здравствени услуги, специјалистички постапки и операции, но и третман на тешки малигни заболувања. Важно е што се вклучении превентивни здравствени прегледи за сите членови на семејството. Со ова трошоците за лекувањето во приватно здравство стануваат наша обврска, а единственото за кое треба да се грижат нашите осигуреници е што поскоро да закрепнат и да имаат успешно лекување. Посебен бенефит е можноста трошоците за болничко лекување да бидат платени директно на болницата од страна на Еуролинк. На барање од клиентите, овозможивме и покривање на трошоците за породување  во некоја од приватните клиники. Веруваме, дека оваа новина ќе ги привлече граѓаните, со оглед на тоа што сите сакаме да ги обезбедиме за нашите најблиски најсоодветните услови во најважните моменти во животот.  
Добро здравје во семејството е приоритет за кое никој не прави компромиси. Во светот, семејствата соработуваат со осигурителните компании за да обезбедат врвна здравствена заштита и токму затоа решивме да овозможиме за нашите граѓани уникатен пакет за лекување на целото семејство во приватните здравствени установи. Семејното приватно здравствено осигурување наидува на одличен прием кај семејствата, затоа што го подобрува животниот стандард и ги прави посреќни и посигурни во својата иднина.

Капитал: Кон кои активности ќе се насочите во иднина? Каде го гледате идниот развој на Еуролинк и осигурувањето во Македонија?
М.Томеска: Иднината и развојот ќе им припаднат на оние кои ќе овозможат најлесно достапни продукти прилагодени на брзиот и динамичен животен стил, а Еуролинк веќе работи на ова поле. Она што следно го воведуваме е достапноста до нашите продукти и услуги и преку мобилен уред со што ги штедиме парите и времето на нашите клиенти. Нашата нова мобилна апликација која треба да ја лансираме во наредните денови ќе им овоможи на нашите клиенти со еден клик да купат полиса, да пријават штета, да проверат статус на пријавената штета, да платат осигурување и да се информираат за сите понуди. Со тоа овозможуваме едноставност во интеракциите и како и досега се потврдуваме како предводници на најновите трендови во осигурителниот бизнис.
Воедно, како и изминатите 15 години, остануваме посветени кон подобрување на стандардот на живеење и создавање на посреќно општество, преку сите наши сегашни и идни иновативни продукти и преку активно вклучување во заедницата во која живееме и работиме.

Купите осигурување онлајн - Најбрзо и најсигурно до вашето осигурување